Со трансформативниот перформанс SKIN на австралиско-германско дуо, вечерва официјално започнува 4. Инфјужн – Фестивал на инлузија.
Од денес, па се до 15 јуни, Скопје ќе живее низ 50 различни доживувања на 5 различни локации. „Ќе бидеме дел од нешто поголемо од се досега видено. Нешто што се чувствува со сите сетила.“ – велат од тимот на Икуалити. Паркот Македонија под убави сенки, Музејот на современата уметност, Театар Комедија, Домот на култура „Билјана Беличанец“ и кафулето Амигос ќе станат жива сцена на пет теми – Перформанс, Уметност, Музика, Спорт и Гејминг – распослани низ пет инспиративни денови.
По вечерашното отворање со танцовиот перформанс SKIN во Театар Комедија кое ќе приушти едно ново и поинакво искуство кое Македонија ќе го доживее за прв пат, австралиско – германското дуо, утре ќе одржи и работилница „Танцување без умереност“ насочена кон нови адаптивни техники во движењето и танцот.
Во наредните денови, Здружението Икуалити подготвува бројни фестивалски содржини, креативни интегративни работилници, поетско читање и тивки дружби во кафуле кои ќе не поттикнат да комуницираме, а сепак да не зборуваме. Новините во културната сцена се и водени посети и знаковно толкување на изложбени поставки во музеј, како и интерактивни претстави на знаковен јазик и играни од интегративни групи на лица со и без попреченост. Во рамки на фестивалот ќе се одржат и форумски дискусии за важни општествени теми за квалитетен живот и инклузивност со родители, лица со попреченост и стручни лица во областа на инклузијата.
На 12 јуни во Домот на култура „Билјана Беличанец“ ќе бидат доделени и наградите за оние со најголеми заслуги за заедницата на лица со попреченост – Шампиони на инклузија во 6 категории: лице со попреченост, организација, јавна личност, општествено одговорна компанија, амбасада и општина. Вечерта ќе биде заокружена и со премиера на трејлер за анимираниот серијал „Диносаурусчето УРУ“, инспиративна приказна за храброста, неприфаќањето и различностите која ќе допре до сите преку малите екрани, во претстојната телевизиска сезона. Убавиот парк во последните два фестивалски денови ќе биде преобразен во гејминг-арена и место за искусување на виртуелна реалност, ќе се игра Dungeons & Dragons или креира сопствена игра, учествува во мини- турнир на плејстејшн.
Паркот Македонија ќе се претвори во галерија од цртежи на учениците од основните училишта од Општина Кисела Вода и Аеродром како дел од изложбата „Ги сакам сите животни“ и уметнички дела на млади уметници преку изложбата под името „Фузија“. На 14 јуни, Инфјужн фестивалот ќе ја слави македонската музика со целовечерни концерти на млади артисти: Колектив Ветерница, Миа Перевска, Tsar Von Time, Дактили, Занаду, Fiction, Филип Николоски и Breakdown Band.
Под мотото „Биди херој на херојот!“ во рамки на фестивалските денови и преку официјалниот сајт equality.agency, посетителите ќе можат да донираат за малиот Ѓорѓи од Струмица, 9 годишно момче со широкa насмевка со детска церебрална парализа, кому му е потребна рехабилитација и операција.
Инфјужн Фестивалот оваа година носи моќна порака. Со многу новини, толкување на концерти на знаковен јазик, обезбедување на пристапност на сите 50 настани, Инфјужн фестивалот е повеќе од обичен фестивал – тоа е фестивал каде сите се добредојдени и каде шириме љубов, менуваме, создаваме и инспирираме!