Не сака да учи“ или никој не знае како да го научи? Приказна за едно дете кое системот го оттурнува

Шест години. Толку време едно дете со нетипичен развој седи во училница и слуша, директно или индиректно, дека „не знае“, дека „не сака“, дека „не соработува“. Шест години во кои системот, односно училиштето и образовниот асистент со координаторот,донесуваат заклучок. Но, што ако тој заклучок е погрешен? Надвор од училиштето, приказната е сосема поинаква. Во просторија, далеку од училишните клупи, детето седи спроти терапевт. Пред него има слика. Тивко, внимателно, со напор,  но со волја, почнува да реди букви. Една по една. Потоа збор. Потоа реченица. Не совршено. Не брзо. Но, успешно, за самиот себе. Детето соработува. Детето разбира. Детето учи. Родителите тоа го гледаат. Терапевтите тоа го документираат. Постојат видеа. Постојат слики. Постојат докази. Постои напредок!
И тогаш доаѓа судирот со реалноста. Во училиштето, истото тоа дете е „друго дете“. Таму, велат, не знае да напише ни една буква. Таму, велат, не сака. Таму, велат, не може. И така цели шест години. Без значаен напредок. Без промена на пристап или промена на методи на работа. Без вистинско прашање: „Што правиме погрешно?“
Родителите не молчат. Организираат состанок. На иста маса седнуваат наставници, стручни лица од училиштето и терапевтите кои веќе работат со детето. Тоа е моментот кога вистината станува видлива. Терапевтот покажува. Детето работи. Детето пишува. Детето одговара. Во живо. Пред сите. Нема изговори. Нема претпоставки. Само факти. Но наместо промена, доаѓа одбивање. „Училиштето не е таква средина.“ Реченица која звучи како објаснување, но всушност е признание. Признание дека системот не сака, или не знае,  да се прилагоди. А тоа веќе не е инклузија, туку интеграција.
Следи уште еден ѕид. Кога родителите бараат соработка на училиштето со терапевтите, добиваат одговор:„Асистентот не смее да соработува со надворешни лица, а ние како училиште немаме дозвола да влегува надворешно лице на час.“
Во превод: знаењето постои, решението постои, но за жал, нема волја да се примени. И тука се поставува најважното прашање: Ако детето може да учи, зошто не учи во училиштето? Одговорот е непријатен. Бидејќи проблемот можеби никогаш не бил во детето. Туку во пристапот. Во неподготвеноста. Во системот кој очекува детето да се вклопи, наместо самиот да се промени. Инклузивното образование не е само збор во закон кој предвидува сите деца да бидат во училишните клупи. Тоа е обврска. Обврска да се најде начин. Обврска да се проба повторно. Обврска да се признае: „Ова што го правиме не функционира.“ Кога едно дете шест години не напредува, а надвор од системот покажува дека може, тоа не е неуспех на детето. Тоа е неуспех на системот, на училиштето и на асистентот.
Родителите сега се пред избор кој ниту еден родител не треба да го има: Да се борат со институциите  или да го спасуваат детето од институциите.
Ова не е само една приказна. Ова е прашање за сите нас. Колку деца денес се означени како „не можат“, само затоа што никој не нашол начин да им пристапи? И колку потенцијал тивко се губи, не поради недостаток на способност, туку поради недостаток на разбирање? Можеби е време да престанеме да прашуваме што не е во ред со децата. И конечно да почнеме да прашуваме: Што не е во ред со системот?

Можеби ќе ве интересира