Не е инает, не е дислексија: што ни кажува детето кога ги покрива очите
Дислексија или нешто друго?
Во професионалната работа со деца со нетипичен развој, често забележувам однесувања што предизвикуваат загриженост кај родителите и наставниците.
Едно од нив е покривањето на очите или избегнувањето на гледање при изложеност на материјали со многу слики или густ текст на хартија. Ова често ги загрижува родителите и наставниците и отвора прашање: дали станува збор за дислексија? Што всушност значи ова однесување? Во најголем број случаи, ваквата реакција не е поврзана со дислексија, туку со визуелна преоптовареност, позната и како visual crowding. Детето доживува тешкотија кога на еден лист има премногу визуелни информации одеднаш, како повеќе слики, многу редови текст, мал простор меѓу елементите. Важно е да се нагласи дека ова однесување не е знак на инает, мрзеливост или одбивање, туку начин на саморегулација , односно обид на детето да се заштити од преоптоварување.

Многу е интересно што истите деца често немаат проблем при дигитален приказ. Екраните обично прикажуваат: подобар контраст, појасна визуелна структура, можност содржината да се прикажува чекор по чекор. Поради тоа, мозокот полесно ја обработува информацијата.
Ова однесување само по себе не се дијагностицира како дислексија. Дислексијата е специфично нарушување на читањето и најчесто вклучува:
- тешкотии во поврзување на буквите со гласовите
- постојани грешки при читање и пишување
- бавно и нетечно читање
- тешкотии и кога текстот се чита на глас
Покривањето на очите и избегнувањето густ печатен материјал не се типични главни знаци на дислексија, особено ако детето функционира подобро кога:
- текстот е краток и јасно распореден
- некој му чита на глас
- материјалот е дигитален
Кај деца со нетипичен развој, сензорните и јазичните тешкотии можат да изгледаат „како дислексија“, но не се истото. Во стручна и образовна пракса, попрецизно е да се користи опис како: „Визуелна сензорна преоптовареност и тешкотии во визуелна организација (visual crowding), кое најчесто е изразено кај деца со аутистичен спектар и развојна дисфазија.“
Како може да му помогнеме?
При печатени материјали:
- една задача или една слика по лист
- краток текст (1–2 реда)
- крупен и јасен фонт (Arial, Verdana)
- доволно празен простор меѓу редови
При читање и учење:
- читање на глас со истовремено покажување
- покривање на остатокот од текстот (ред по ред)
- кратки паузи
Кога е можно:
- користење дигитални материјали
- прикажување една информација во моментот
Што е важно да се избегнува?
- форсирање детето да гледа цел лист одеднаш
- вербален притисок („погледни подобро“)
- споредување со други деца
Клучна порака:
Кога детето ги покрива очите, тоа ни кажува дека му е премногу, не дека не сака да соработува. Со соодветни прилагодувања, детето може значително подобро да учи, да се чувствува побезбедно и да го покаже својот реален потенцијал.