Позитивни искуства за образовните, социјалните и здравствените работници од посетата на Шпанија

Од 15 до 19 септември, во Алзира, Шпанија, се одржа вториот од вкупно три меѓународни кампа како дел од проектот „ЈАС, ТИ, НИЕ, ТИЕ МОЖЕМЕ“, кој имаше за цел истражување на позитивни инклузивни практики за унапредување на вештините на професионалните лица од образовниот, социјалниот и здравствениот сектор од Македонија, Шпанија и Полска.

На воведната презентација од г-а Кармен Хереро, беа претставени социјалните сервиси на партнерската организација ИДЕА-Алзира, кои имаат за цел креирање и спроведување на програми за усовршување на вештините на лица со попреченост во различни области од пазарот на трудот. Како дел од програмата беше посетено и Школото за готвачи и келнери, при ИДЕА – Алзира, со особен акцент на вклучување на студенти од социјално ранливи општествени групи. Претставниците од Министерството за образование во регионот на Валенсија, ги презентираа специјализираните образовни стратегии и програми, а беше организирана и посета на специјализираната образовна единица при основното училиште Lluís Vivѐs. Преку разговорите беа истакнати позитивните практики со висок степен на успешност, но и предизвиците во образованието во поширокиот регион на Валенсија.

Здружението La Nostra Veu, кое активно работи повеќе од 50 години, ги претстави активните сервиси насочени кон лица со попреченост од различни возрасти. Беше организирана и директна посета на просториите на здружението преку кои учесниците се запознаа со програмите за психосоцијална поддршка на лица со попреченост, со акцент на млади и деца со аутистичен спектар на нарушување.

На завршниот свечен настан, организиран на Универзитетот во Валенсија од асоцијацијата CADIR, претставниците и учесниците од трите земји, беа дел од официјално пуштање во употреба на мобилната апликација #YoTambién. Промовираната апликација нуди ефикасен пристап до ресурси и информации за лица од социјално ранливи категории, вклучително лица со попреченост, кои во 2024 година биле погодени од поплавите во регионот Валенсија.

„Преку овој камп во Алзира, продолжуваме да се стремиме кон зајакнување на меѓународната соработка во насока на размена на позитивни практики кои придонесуваат кон креирање на поквалитетни услуги и посоодветен пристап и комуникација помеѓу професионалците од државниот и јавниот сектор и лицата со попреченост.“ изјави Ружица Стојановска, координатор на проекти во Здружение Икуалити.

Во претстојниот период ќе продолжат подготовките за организирање на третиот и последен камп во Киелце, Полска, како и подготовките за изработка на Прирачник кој ќе понуди позитивни практики за унапредување на вештините на стручните лица, со цел обезбедување поквалитетен пристап и услуги за лицата со попреченост.

Кампот беше реализиран во партнерство со IDEA – Ayuntamiento de Alzira (Шпанија), Rozprawy o Еuropie (Полска), Еразмус+ КА2 програмата во областа на млади, кофинансиран од Европската Унија и поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Можеби ќе ве интересира