Управување со лажни вести

Интернетот е најголемиот извор на информации во целиот свет, кој им нуди на сите луѓе можност за учење и информирање. Но, дали навистина може да им се верува на сите информации поставени на интернет или во печатените медиуми?  Некои приказни може да бидат содржина за која некој мисли дека е смешна, но некои лажни вести се штетни за некој друг. На пример, како што се ширеше пандемијата, многу луѓе веруваа во вестите што кружеа на Фејсбук дека јадењето многу лук ќе помогне да се стекне имунитет против вирусот. Бидејќи средството за дезинфекција на рацете беше распродадено, небезбедните рецепти за домашно приготвени верзии станаа лажни и штетни вести за многу луѓе.
Ниеден од нас нема дефинитивни бројки за тоа колку нови вести на интернет се лажни. Лажните вести се содржина што не е вистинска. Ова вклучува приказни што кружат на Интернет, обично преку социјалните мрежи, но исто така и во печатените медиуми,  за да ги натераат луѓето да веруваат во нешто невистинито или приказни што делумно може да бидат вистинити, но биле претерани или искривени за да се натера читателот да прифати одредено гледиште. Лажните вести не се нови, но интернетот обезбедил меѓународна платформа за споделување на измислени приказни. Споделувањето на невистинити приказни може да има големо влијание врз јавната безбедност, врз демократските избори и врз угледот на една личност. Ширењето лажни вести може да предизвика децата да се чувствуваат глупаво кога нивните другари истакнуваат дека паднале на некоја шала. Луѓето шират лажни вести кога споделуваат на социјалните мрежи, повторувајќи го она што го слушнале, наместо најпрво да ја проверат точната информација. Се разбира, кога луѓето ќе откријат дека не е точно, основачот на гласините може да се чувствува засрамен. Понекогаш луѓето шират приказни затоа што мислат дека се смешни. Но, исто така има компании па дури и цели влади кои користат наслови за да шират приказни за кои мислат дека ќе им помогнат да добијат поддршка од народот, без разлика дали тоа е политичко, идеолошко или едноставно сакаат да ги промовираат своите профили.

За да се заштити секое семејство и секое дете од лажни вести, еве неколку работи за кои треба да размислите и да ги потсетите вашите деца кога ќе наидете на некоја приказна на Интернет. За да избегнете измами од лажни вести, мора да ги разгледате овие прашања: Дали веста се појавува на друго место на Интернет, на ТВ или радио? Дали името на страницата е вообичаено и дали и верувате на веб-страницата каде што ја видовте оваа приказна?  Дали фотографиите и видеата изгледаат како што треба или изгледаат фотошопирано? Насловите се важни, но исто така важна е и содржината. Прочитајте го целиот дел пред да споделите приказна за да бидете сигурни дека станува збор за напис што навистина сакате да го постирате и прифатите.  Ако имате какви било прашања во врска со се ова, проверете и прашајте ги возрасните што мислат за таа приказна.
Интернетот е измислен како алатка за споделување информации. Сите сме одговорни кога станува збор за зачувување на неговиот потенцијал за добро.
Текстот го напиша Мила Павловска ученичка во VIII-б одделение во ООУ Јан Амос Коменски, Скопје

Можеби ќе ве интересира