Заеднички визии за инклузивни и пристапни урбани средини – ID:CITIZEN во Братислава
Од 10 до 14 ноември 2025 година, во Братислава, Словачка, ќе се одржи третата студиска посета во рамките на проектот ID:CITIZEN. Преку оваа посета се продлабочуваат напорите за размена на добри практики и знаења во областа на урбаното планирање, пристапноста и инклузивното образование, со фокус на создавање градски средини, кои ги вклучуваат сите граѓани, без исклучок.
Во рамки на посетата, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со работата на Канцеларијата за урбано планирање при Град Братислава, Словачкиот технолошки универзитет, здружението Тенетет (TENENET NGO), како и Агенцијата за право и политички науки, кои активно работат на развој и застапување на инклузивни политики. Посебен дел од агендата ќе биде посветен на посетата на инклузивна зона за играње и интегрирано училиште за деца со физичка или друга попреченост, каде ќе се презентираат конкретни модели на социјална интеграција и пристапен дизајн.
Преку директна комуникација со институциите, академските центри и граѓанските организации, проектот ќе овозможи размена на практики и модели што придонесуваат за поефикасно планирање и управување со урбани простори, засновано врз принципите на еднаквост и пристапност.
„Нашата посета во Братислава претставува значаен чекор во продлабочувањето на регионалната соработка и разбирањето на тоа како инклузивните политики можат да се применат во различни контексти. Секоја нова посета ни овозможува да го надоградиме нашето знаење и да предложиме поефикасни решенија за урбани средини достапни за сите,“ – изјави Ружица Стојановска, координаторка на проектот од Здружението Икуалити.
Крајната цел на проектот ID:CITIZEN останува изготвувањето на документот „Препораки за политики за подобрена инклузивност“, кој ќе служи како водич за институциите и креаторите на политики во процесот на создавање инклузивни урбани и образовни средини во регионот на Централна и Источна Европа.
Проектот се реализира во партнерство меѓу Здружението Икуалити (Македонија), Фондацијата Интеграција (Полска), Здружението Тененет (Словачка) и Организацијата Рака под Рака (Унгарија), со поддршка на Меѓународниот Вишеградски фонд, кој поттикнува регионална соработка, размена на знаења и градење на инклузивни општества во Централна Европа.