Детето има асистент, но дали има соодветна поддршка?

Новата учебна година започна. За повеќето родители тоа се денови исполнет со радост, возбуда и очекувања. Но за родителите на децата со посебни образовни потреби, првиот училишен ден често носи и едно големо прашање:

„Кој ќе биде покрај моето дете и дали навистина ќе знае како да му помогне?“ Како човек кој со години работи со деца со посебни потреби, морам отворено да кажам: не е доволно детето само да има образовен асистент. Асистентот не е човек кој треба само да седи до детето и да го следи од час на час. Тој треба да знае како да комуницира со детето, како да му ја приспособи задачата, како да реагира кога детето е вознемирено, како да ја поттикне неговата самостојност и како да соработува со наставникот, стручниот тим и родителите. За жал, во пракса сè уште се случува на дете со сериозни потреби да му биде доделено лице кое нема доволно знаење, подготовка и компетенции за оваа работа. Некогаш се ангажираат луѓе кои не знаат што значи индивидуален пристап, не знаат како да работат со дете кое не зборува или не препознаваат што навистина му е потребно. И тогаш последиците не ги трпи асистентот. Ги трпи детето.

Дете кое со месеци гради одредена вештина може да застане во развојот не затоа што не може, туку затоа што не добива соодветна поддршка. Затоа мора да престанеме да ја мериме инклузијата само со бројката: „Детето има асистент.“ Прашањето треба да биде: „Дали детето има квалитетна и соодветна поддршка?“

Родителите не бараат привилегии. Тие бараат нивното дете да биде разбрано, безбедно, прифатено и да има можност да учи и да напредува. Затоа од институциите мора да бараме повеќе: строги критериуми при изборот на асистенти, квалитетна практична обука, континуирано усовршување, професионална супервизија и јасен механизам за реакција кога поддршката не е соодветна.

Не секој човек е подготвен да работи со секое дете. И тоа не е навреда, тоа е професионална реалност. На децата не им треба човек кој само ќе биде присутен. Им треба човек кој знае како да им помогне. Бидејќи инклузијата не е само детето да биде во училницата. Инклузијата значи дека училиштето треба да се прилагоди кон потребите и можностите на детето. Инклузијата е детето навистина да биде дел од средината.

Можеби ќе ве интересира