Кога екранот станува пречка наместо помош: развојна дисфазија и современото детство

Телефоните, таблетите, компјутерите и социјалните мрежи станаа дел од секојдневието на децата и младите. За многу родители, екранот изгледа како нормален дел од растењето, средство за забава, учење и комуникација. Но, кога станува збор за дете или тинејџер со развојна дисфазија, прашањето за користењето екрани добива многу подлабоко значење.

Развојната дисфазија, позната и како Developmental Language Disorder (DLD), не е обично доцнење во говорот. Тоа е невроразвојно нарушување кое влијае врз способноста на детето да разбира, обработува и изразува јазични функции. Овие деца често имаат потешкотии да ги организираат мислите, да учествуваат во разговор, да разберат сложени реченици или да се изразат на начин што другите лесно ќе го разберат. Кај тинејџерите, овие потешкотии можат да влијаат и врз самодовербата, социјалниот живот, учењето и емоционалното здравје. Доктор Димитри Кристакис кој е педијатар и еден од најпознатите светски истражувачи за деца кои поминуваат време пред екран и работи во Институт за истражување на децата во Сиетл, вели: „Секоја минута помината пред екран заменува драгоцена интеракција помеѓу детето и родителот.“ Доктор Кристакис со години истражувал како екраните влијаат врз јазичниот, когнитивниот и емоционалниот развој кај децата. Тој објаснува дека мозокот се развива преку човечка интеракција, а не преку пасивно гледање содржини.

Во последните години, сè повеќе невролози, логопеди, психолози и научници предупредуваат дека изложеност на екрани може дополнително да ги влоши овие тешкотии. Не затоа што екраните ја предизвикуваат развојната дисфазија, туку затоа што  го намалуваат токму она што на овие деца им е најпотребно, а тоа е живата комуникација.

Јазикот не се развива во тишина и изолација. Тој се развива преку разговор, поглед, слушање, прашања, објаснувања, емоции и интеракција со други луѓе. Дете со развојна дисфазија и општо со потешкотии во развојот има потреба од повеќе време во комуникација со семејството, наставниците, врсниците и терапевтите. Има потреба од луѓе кои ќе го слушаат, ќе го поттикнуваат да се изразува и трпеливо ќе му помогнат да ги организира мислите во зборови.

Но, кога дел од денот поминува пред екран, овие можности се намалуваат. Наместо разговор, детето пасивно прима информации. Наместо вистинска социјална интеракција, комуникацијата станува еднонасочна. Наместо да вежба изразување, поставување прашања и следење разговор, мозокот се навикнува на брзи слики, кратки видеа и постојана визуелна стимулација.

Особено загрижувачки е влијанието на кратките содржини како видеа на Тикток, кратки рилови и кратките видеа на Јутубе. Овие платформи се дизајнирани постојано да го задржуваат вниманието преку брзи промени, силни звуци и кратки информации. Кај тинејџерите со развојна дисфазија, кои и онака имаат потешкотии со вниманието, обработката на информации и организацијата на мислите, ваквата стимулација може дополнително да ја намали способноста за концентрација и следење подолг разговор.

Научни истражувања од различни земји покажуваат дека поминато време на екран е поврзано со послаби комуникациски способности, потешкотии со внимание и намалена социјална интеракција. Истражување објавено во „BMC Public Health“ покажува поврзаност помеѓу подолгото користење мобилни уреди и послаб јазичен развој кај деца и адолесценти. Други истражувачи предупредуваат дека пасивното користење екрани може да го намали интересот за читање, разговор и реални социјални активности.

Кај тинејџерите со развојна дисфазија постои уште еден сериозен ризик, социјалната изолација. Многу од овие млади луѓе веќе се чувствуваат несигурни во комуникацијата. Често се плашат дека нема да бидат разбрани, дека ќе кажат нешто погрешно или дека ќе бидат исмеани. Поради тоа, полесно се повлекуваат во дигиталниот свет каде комуникацијата изгледа „побезбедна“. Но, колку повеќе се избегнува реалната комуникација, толку потешко станува развивањето на социјалните и јазичните вештини.

Детето со развојна дисфазија нема најголема потреба од совршен телефон, најнова апликација или уште едно видео. Нему најмногу му е потребен човек што ќе седне до него, ќе го слуша со трпение, ќе му даде време да се изрази и ќе му покаже дека неговиот глас вреди да биде слушнат.

Текстот е авторско дело на педагогот и лиценциран детски тренер: Славе Павловски

Можеби ќе ве интересира