Викенд во Преспа исполнет со рекреација, традиција и нови искуства
Во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, изминатиот викенд беа реализирани две значајни активности кои ги поврзаа инклузијата, рекреацијата, традицијата и креативноста.
На 7 ноември беше организиран промотивен настан на кој беа презентирани пет видови адаптивни велосипеди наменети за лица со различни видови попреченост. Воедно беше промовирана и услугата „Рент-адаптив-вело“, со која ќе раководат претставниците на Здружение Иднина на традицијата од Ресен. Услугата ќе овозможи полесен пристап и изнајмување на адаптирани и стандардни велосипеди и ќе придонесе кон развој на подостапен и поинклузивен велосипедски туризам во Преспа.

Во рамки на настанот, учесниците имаа можност да учествуваат во тест-возење на релацијата Долно Дупени – Љубојно, при што непосредно се запознаа со можностите, удобноста и функционалноста на адаптивните велосипеди. Преку оваа активност беше испратена јасна порака дека природните убавини, рекреативните содржини и туристичките атракции треба да бидат достапни за сите, без исклучок.
На 8 ноември се одржа едукативно-креативната работилница „Духот на традицијата“, на која учество земаа 13 ученици од основните училишта од Ресен. Учесниците се запознаа со традиционалните и современите занаети, а посебно внимание беше посветено на старото занаетчиско умеење – бакрорезот.
„Сите учесници со голем интерес и ентузијазам изработуваа магнети и уметнички творби од бакар со различни мотиви. Особено ме радува нивната креативност, љубопитност и желба да научат нешто ново, но и интересот повторно да учествуваат на вакви работилници. Токму тоа ни дава мотивација да продолжиме да ги негуваме и пренесуваме занаетите кај младите генерации.“ – изјави Гордана Стојаноска, менторка на работилницата, долгогодишна чуварка на занаетот бакрорез и членка на здружението Иднина на традицијата.

Во наредниот период следува уште една активност во рамки на проектот – работилница за арттерапија, преку која учесниците ќе имаат можност, со помош на техники на дишење, дружење и креативен пристап, да го истражат слободното изразување и да се поврзат со природните убавини на Преспанскиот регион.
Активностите се реализираа во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, кој е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, а спроведувана од УНДП во партнерство со релевантни локални и национални чинители
