Кога рутината станува проблем, зошто не е добро детето секогаш да живее според строг план?
Многу деца со развојни потешкотии, имаат потреба од рутина. Кога знаат што ќе се случува во текот на денот, се чувствуваат посигурно, помирно и полесно се справуваат со секојдневните обврски. Затоа рутината е корисна и често претставува важен дел од нивниот развој.
Но, постои голема разлика помеѓу рутина и живот во кој сè мора да биде однапред испланирано и ништо не смее да се промени. Проблемот започнува кога детето почнува да бара секоја активност да биде однапред договорена, секој план да се следи без отстапување, а секоја неочекувана промена да предизвикува лутина, паника или силно негодување. Ако околината постојано попушта само за да избегне конфликт, детето несвесно учи дека токму на тој начин може да ја задржи контролата врз ситуацијата. Со текот на времето, ова може да прерасне во сè поголема нефлексибилност. Детето сè потешко ги прифаќа промените, станува анксиозно кога нешто не оди според неговите очекувања, а во некои случаи може да реагира со плачење, паника, викање, па дури и со физичка агресија. Не затоа што е „лошо“ или „разгалено“, туку затоа што не научило како на поинаков начин да се справи со непредвидените ситуации. Ова е особено важно во адолесценцијата. Животот не може секогаш да се испланира. Во училиштето, на работа, во пријателствата и во семејството секојдневно се случуваат промени. Ако младото лице не научи да ги прифаќа постепено, подоцна може да има сериозни тешкотии во осамостојувањето и во функционирањето во секојдневниот живот. Затоа целта не е да се укине рутината. Напротив, рутината треба да остане како поддршка, но истовремено детето треба постепено да учи дека и малите промени се нормален дел од животот. Тоа се постигнува со трпение, доследност и постепено воведување на нови ситуации, а не со нагли промени или постојано попуштање.

Најголемата грешка што родителите ја прават од добра намера е што, сакајќи да го заштитат детето од вознемиреност, почнуваат да го приспособуваат целиот семеен живот на неговите барања. На краток рок тоа навистина може да донесе мир, но на долг рок ја намалува способноста на детето да се справува со реалниот живот. На децата со развојни потешкотии не им е потребен совршено испланиран живот. Ним им е потребна сигурност, но исто толку им е потребна и можност постепено да научат дека промените не се опасни. Тоа е една од најважните животни вештини што можеме да им ја подариме, да знаат дека, дури и кога работите нема да се одвиваат според планот, тие сепак ќе можат успешно да се снајдат.
