Јазикот наш денешен

Јазикот е патоказ на културата, најскапоцената амајлија од нашите предци. Тој ни покажува од каде луѓето доаѓаат и каде одат. Јазикот на којшто зборувам уште од мала, јазикот што го разбирам отсекогаш, што го пишувам, со чија помош секојдневно се изразувам, е мојот мајчин јазик. Тој е мојот идентитет!

Мајчиниот јазик – тоа сум јас! Благодарна сум на Кирил и Методиј што нè описмениле. Токму тие ги измислиле првите знаци, односно токму тие се „виновниците“, се разбира во наводници, за тоа што сите мои изговорени зборови имаат писмен облик. Тие се оние што се најзаслужни што денес имаме азбука со којашто комуницираме. Основачи се на јазикот што денес го зборувам и гордо го нарекувам свој мајчин јазик. Сепак, не било сè баш така лесно. Вековите слепило, во писмена смисла,  се претвориле во јасна светлина со мисијата на сите преродбеници – благодарна сум Ви! Јас зборувам македонски јазик – тоа сум јас. Затоа наша должност е да го чуваме и негуваме како најголемо богатство на нашиот народ, ризница од традиции, обичаи, верувања… Обележја што нè дефинираат самите нас. Затоа што најлесно можеме да ги искажеме нашите мисли и чувства преку мајчиниот јазик. Токму затоа, треба да се гордееме со мајчиниот и да се претвориме во верни чувари на традицијата и на културата. Мајчиниот јазик тоа сме ние како народ. Го сакам. Го негувам.

Се грижам во каков вид ќе го предадам на оние што доаѓаат по мене. Затоа што го сакам, повторувам. Затоа што немам друг мајчин јазик. Овој е мојот. Ова е единствениот јазик што најтопло ми го грее срцето.

Можеби ќе ве интересира