Кога детето со нетипичен развој одбива да влезе во училиште: Практични совети за родители и наставници
Инклузијата во училиштата е важен процес, но не секогаш оди лесно. Понекогаш детето со нетипичен развој плаче, дава отпор и не сака да влезе во училиште. Во вакви моменти, премногу „меко“ убедување или молење може да ја зголеми неговата анксиозност. За многу деца, училиштето е нова, голема и непозната средина. Бучава, нови лица, промена на рутина – сето тоа може да биде стресно, особено за деца со нетипичен развој. Нивниот отпор е нормална реакција на несигурност и страв. Еве како да се постапи правилно.
– Постепено воведување и јасна рутина. Почнете со кратки престои: 15–30 минути, а потоа постепено зголемувајте го времето. Доследна рутина создава чувство на сигурност: исто лице за пречек, исти активности, исти правила.
– Топлина и цврстина. Разбирањето и емпатијата се важни, но премногу молење може да ја зголеми анксиозноста. Наместо тоа, покажете сигурност и јасност дека училиштето е безбедно место каде секојдневно ќе оди.
– Вклучете стручни и искусни лица. Психолог, дефектолог или педагог може да понуди стратегии за адаптација, како постепено воведување во училишни активности или помош при социјализацијата со врсниците.
– Поддршка од врсниците. Децата учат едни од други. Кога врсниците покажуваат прифаќање и поддршка, на пример, со тоа што ќе го држат за рака или ќе го вклучат во игра или пак ќе го вклуќуваат во разговор, детето ќе се чувствува посигурно и помалку исплашено.
Совети за родителите
– Бидете доследни и охрабрувачки, наместо премногу попустливи. Јасно покажете дека во училиште се оди секој ден и дека тоа е безбедно место.
– Поддршка, не молење, затоа што детето треба да се чувствува сигурно, не притиснато.
– Ако е потребно, воведете кратки престои, постепено зголемувајте време во училиште. Дајте време за адаптација затоа што процесот бара трпение и мал чекор по чекор.
– Избегнувајте критики или споредување со другите деца.
– Признајте го стравот на детето. На пример: „Видов дека си уплашен, тоа е нормално“, но без да отстапувате од рутината.
Родителите треба да бидат смирени, доследни и поддржувачки, не премногу попустливи, ниту да се караат. Со ова, детето постепено учи дека училиштето е сигурно место и дека има структура која се почитува. Инклузијата не е само влегување во училишна зграда, тоа е создавање чувство на припадност и сигурност. Детето со нетипичен развој покажува со плачење или отпор дека му е тешко. Со постепено воведување, јасни граници, топлина и соработка со стручни лица, наставници и родители можат да му помогнат да се адаптира, да се чувствува прифатено и да напредува заедно со врсниците.