Редењето играчки како начин детето да се подготви за светот надвор

Редењето играчки како јазик кога зборовите не се доволни

Многу родители и наставници се соочуваат со слична ситуација: дете со посебни потреби станува навреме, но пред да се облече и тргне на училиште, инсистира најпрво да ги нареди играчките. Обидите за договор, објаснување, награда или притисок најчесто не даваат резултат, а детето редовно доцни поради својот ритуал. Ова однесување често погрешно се толкува како тврдоглавост или одбивање соработка. Кај овие деца, вистината е сосема поинаква. Попреченоста не влијае само на однесувањето, изразувањето, разбирањето , говорот. Таа зафаќа и: обработка на информации, разбирање на време и редослед, транзиции меѓу активности, справување со анксиозност и промени.

Наутрото, кога детето треба брзо да премине од сигурната домашна средина кон место како училиште кое е полно со правила, говорни барања и социјални очекувања, мозокот му е под силен притисок. Редењето не е игра, тоа е саморегулација. Тоа е: начин мозокот да воспостави ред и контрола, начин да се намали внатрешната збунетост, начин детето да се „подготви“ за транзиција, замена за вербално изразување на стрес или анксиозност

Бидејќи детето нема доволно усвоено јазични алатки да каже „не сум подготвен“ или „ова ми е премногу“, телото и однесувањето го кажуваат тоа наместо него.

Зошто договорите и наградите не функционираат?

Кај овие деца: „договор“ е апстрактен поим, „после“ и „за 5 минути“ не се јасно обработени и времето не се доживува линеарно. Затоа обидите за преговарање, убедување или рационално објаснување не стигнуваат до детето во моментот кога е во регулациски процес. Колку повеќе се инсистира, толку повеќе детето се „заглавува“ во редењето.

Што всушност му е потребно на детето?

На детето му е потребно: предвидлив ритуал, не договор; структура, не брзање; поддршка при транзиција, не притисок. Редењето му служи како мост меѓу „дома“ и „училиште“.

Практични решенија што навистина помагаат

  1. Редењето да биде дел од утринската рутина

Наместо да се забранува, редењето треба свесно да се вклучи како чекор во рутината, со јасен почеток и крај. Ист редослед. Ист тон. Ист ритуал.

  1. Скратување, не укинување

Целта не е детето да престане да реди, туку: да реди помал број предмети, да реди исти предмети секој ден, да има физички крај (кутија што се затвора, крпа што се става врз играчките)

  1. Минимална вербална комуникација

Во моментот на редење, зборовите често го зголемуваат стресот. Кратка, секогаш иста реченица: „Редењето е готово. Одиме.“ . Без дополнителни објаснувања.

  1. Физичко насочување, не влечење

Ако детето се „заглави“, помага: заедничко ставање на последната играчка, нежно водење кон следната активност. Ова не е контрола, туку поддршка за премин.

  1. Прифаќање дека можеби треба повеќе време

Понекогаш најреалното решение е поранo тргнување од дома. Ова не е пораз, туку прилагодување на реалните потреби на детето.

Што не помага и може да ја влоши состојбата: карање и подигање тон, брзање и закани, споредување со други деца, објаснување зошто училиштето е важно (во тој момент) Овие реакции ја зголемуваат анксиозноста и го продолжуваат однесувањето.

Заклучок

Редењето кај дете не е проблем што треба веднаш да бараме да се искорени. Тоа е алатка што детето ја создало за да се регулира и да функционира. Кога возрасните ќе престанат да се борат против оваа потреба и ќе почнат да ја структуираат, утрата стануваат помирни, а детето посигурно. Поддршката, а не контролата, е клучот.

Можеби ќе ве интересира