Како правилно да се инклузира дете со нетипичен развој во училиште

Инклузијата не е само формална обврска, таа е начин на градење училиште во кое секое дете има право да учи, расте и се чувствува прифатено. Кога во училишна средина заедно учат деца со типичен и со нетипичен развој, тоа е можност за сите: за едните да учат разбирање и емпатија, а за другите да ги развијат своите потенцијали во поддржувачка заедница.
Најважниот чекор е создавање училишна култура во која различноста се смета за богатство. Учителите, наставниците и родителите треба да испраќаат јасна порака дека сите деца се еднакво вредни и заслужуваат почит. Секое дете со нетипичен развој има свои способности и предизвици. Затоа е важно да се подготви индивидуален образовен план кој ќе му овозможи да учи според својот ритам, но многу е важно и да учествува во заедничките активности со врсниците. Инклузијата е успешна кога покрај наставникот, активно се вклучени и асистент на детето, дефектолог, логопед, педагог или психолог. Тие не само што му помагаат на детето, туку и на наставниците, како да ја прилагодат наставата и како да одговорат на специфични потреби. Децата со типичен развој играат голема улога во процесот на инклузија. Кога учат да соработуваат, да помогнат или едноставно да прифатат различност, тие стануваат поемпатични и посоцијални личности. Групните игри, заедничките проекти и активности каде секое дете има улога се клучни. Родителите на сите деца, и со типичен и со нетипичен развој, треба да бидат вклучени во процесот. Отворената комуникација, заедничките средби и споделувањето информации создаваат чувство на заедништво и ја зголемуваат довербата. Преку разговори, работилници и часови на класен раководител, децата можат да научат што значи да се биде различен и како секој од нас има свои силни страни и предизвици.


Па така, можеме да заклучиме дека инклузијата не е лесен процес, но е неопходен ако сакаме вистински праведно и современо образование. Со трпение, соработка и љубов, училиштата можат да станат места каде што секое дете, без разлика на своите способности, ќе се чувствува прифатено, безбедно и охрабрено да расте.

Можеби ќе ве интересира