Ништо за нас без нас – Успешно одржaна онлајн конференција во рамки на проектот ID:CITIZEN
На 27 мај, преку платформата ZOOM, во рамки на меѓународниот проект „ ID:CITIZEN“, успешно беше реализирана онлајн конференцијата „Како да креираме општество без бариери?“, посветена на унапредување на пристапноста, универзалниот дизајн и системските решенија за еднакво учество на лицата со попреченост во јавниот простор и заедницата.

Конференцијата обедини претставници на партнерските организации: Здружението Икуалити (Македонија), Организацијата Рака под рака (Унгарија), Фондација Интеграција (Полска) и Здружението Тененет (Словачка), како и претставници на институции, локални власти, лица со попреченост, професионалци од областа на урбанизмот, архитектурата, културата и граѓански организации.

Како финален настан во рамки на проектот, конференцијата беше простор за промоција на постигнатите резултати од студиските посети реализирани во Полска и Словачка, како и за споделување практики кои можат да се прилагодат и применат во различни национални и локални контексти. Еден од клучните заклучоци беше дека ниту една земја не нуди целосен модел, но секоја обезбедува вредни искуства за градење поефикасни системи за пристапност.

Глаен фокус беше ставен на публикацијата „Препораки за политики за подобрена инклузивност“, практична алатка за национални и локални власти, институции, урбанисти, културни и образовни актери, граѓански организации и сите чинители кои учествуваат во креирањето пристапни заедници.

Документот содржи насоки за воспоставување системска пристапност, подобрување на движењето низ градовите, унапредување на јавните простори и примена на инклузивни практики во четирите земји вклучени во проектот: Македонија, Полска, Унгарија и Словачка. Публикацијата се заснова на меѓународна соработка, наоди од студиските посети, консултации со засегнати страни и преглед на релевантни европски и меѓународни практики. Подготвена на македонски, англиски, полски, унгарски и словачки јазик, публикацијата е достапна на официјалниот сајт на проектот: https://citizen.equality.agency/.

„Пристапноста често останува фрагментирана, недоследно спроведена или зависна од поединечна институционална посветеност. Потребни се посилна координација, мониторинг, финансирање и одговорност, за таа да стане мерлива реалност во секојдневниот живот, а не само декларативна заложба“, порача Гере Трипков од Здружение Икуалити.
Конференцијата уште еднаш ја потврди потребата пристапноста да стане мерлив стандард за демократско управување, одржлив развој и еднакво учество во јавниот живот. Наместо реактивни и фрагментирани решенија, потребен е системски пристап кој ќе ја вгради пристапноста во секоја фаза на планирање, финансирање, имплементација и мониторинг.
Проектот „ID: CITIZEN“, поддржан од Меѓународниот Вишеградски Фонд, продолжува да гради партнерства и да поттикнува системски промени за поинклузивно и подостапно општество за сите.
