Успешно реализирана арт работилницата „Вдиши уметност“ во рамки на проектот „Магијата на Преспа“

Здружението Икуалити успешно ја реализираше арт работилницата „Вдиши уметност“, организирана во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, која обедини 10 учесници во едно креативно и инспиративно уметничко искуство.

„Вдиши уметност” претставуваше креативна уметничка активност преку која учесниците, со користење на ликовни техники, имаа можност да се изразат инспирирани од природните и културните вредности на Преспанскиот регион, како и да развијат сопствен уметнички израз преку слободно творење.

Работилницата беше водена од уметницата Сандра Беговиќ, која преку својот пристап ги насочи учесниците да ја истражат сопствената креативност и да создаваат дела инспирирани од природните убавини и културното наследство на Преспанскиот регион. Во текот на активноста се разви атмосфера на слободно изразување, соработка и размена на идеи, при што настанаа уникатни уметнички творби.

Уживавме во работилница, која предизвика учесниците да го надминат стравот и грижата за изразување, да се опуштат во целост во креирањето, да дишат во духот на сопствениот капацитет“, изјави Сандра Беговиќ, водител на работилницата.

Учесниците ја оценија работилницата како исклучително инспиративно искуство, истакнувајќи дека ваквите активности поттикнуваат креативност, опуштеност и нови начини на доживување на природата и заедницата.

Ова беше навистина посебно искуство. Ми даде простор да се изразам слободно и да создадам нешто свое, инспирирано од природата“, сподели еден од учесниците.

Арт работилницата „Вдиши уметност“ е дел од проектот „Магијата на Преспа“, кој има за цел промоција на природните, културните и туристичките вредности на Преспанскиот регион преку креативни и едукативни активности. Проектот поттикнува одржлив развој, поголема еколошка свест и активно вклучување на заедницата во зачувување на локалното наследство.

Здружението Икуалити продолжува да создава простори за креативно изразување, поврзување и активно учество на граѓаните преку инклузивни и општествено значајни иницијативи.

Проектот „Магијата на Преспа“ е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Delegation of the European Union to North Macedonia, а реализирана од УНДП во партнерство со другите вклучени страни.

Можеби ќе ве интересира