Обично е предоцна да се сфати дека нешто не е во ред.
Прва сцена – Здравствен дом. Деца со настинати и загрижени родители. Во нашите здравствени домови вообичаено е да чекате неколку часа, дури и кога имате закажано. Што значи – немирни деца. Како да ги смирите? Родителите без никакво каење посегнуваат по телефоните и пуштаат цртани, музика или видеа придружени со различни светли бои. Знам дека не се свесни дека грешат. Знам дека премногу време пред телефонот или екранот не е здраво за децата.
Не е добро за такви мали глави кои допрва треба да развијат вијуги на мозокот, или како што лекарите ги нарекуваат синапси. И се развиваат само кога скокаат, трчаат или ја бркаат топката. Како што се зголемува времето поминато со светли бои и збунувачки звуци, така се зголемува и шансата да не му овозможиме на нашето дете да ја направи основната работа – да зборува! Родителите се уште не се свесни за проблемот што може да се појави секогаш кога ќе посегнат по телефоните за да добијат мир.
Уште кога мојата ќерка имаше една година знаев дека екранот треба да го сведам на минимум. Сфатив дека не сакам да го оставам своето дете на боите од екранот или како што знам да кажам, хипнотизирачки содржини. Јас велам дека до тригодишна возраст треба да има нулта толеранција за екраните! За развој на детските синапси, доволно е да му дадете на детето играчка и да побарате да ја врати. Следната фаза е да разговарате со него, чисто, како со возрасните, бидејќи говорот ќе му биде таков.
Втора сцена – Убав ден, топол. Обично кога излегуваме на прошетка со нашите деца, сакаме да разговараме со нив. И тогаш раскажуваме приказни за нас, дури измислуваме приказни за случајни минувачи кои штотуку ги запознавме. Бебето е во количка, ужива, не слуша и е мирно. Тогаш кога ќе почувствуваме дека возењето не е пријатно, се прилагодуваме на тоа. Вниманието ми го привлекува количката во која има бебе кое наместо во околината гледа во екранот на телефонот. Бебето гледа цртан.. Сакав да им предложам нешто на родителите, но помислив – Залудно би било..
Мислам дека ако нашите малечки, со кои многу се гордееме кога ни праќаат бакнеж, кажат МАМА/ТАТО, кажат дека нè сакаат до длабочините на океанот и дека им недостигавме до северниот пол, ние не им помагаме да развијат вијуги до петтата или седумгодишната возраст , а подоцна ќе биде предоцна за нас. Ќе ги бараме виновниците, а нема да сакаме да признаеме дека ние, родителите, сме виновни. Дури тогаш ќе сфатиме дека кога сакавме да имаме мир во кафуле да пиеме кафе со другарка и да гледаме цртани за детето, згрешивме. И нема да можеме да го вратиме времето. Тогаш нашето дете ќе тргне на училиште, а ние ќе се чудиме зошто нема концентрација, зошто го вознемирува се што ќе каже наставникот, зошто е незаинтересирано.
Набљудувам и забележувам дека како родители не постапуваме правилно кога мислиме дека ќе бидат посмирени ако им дадеме екран пред нив. Дајте им природна средина и водете ги во играта.
Потоа доаѓаме до моментот кога почнуваме да се грижиме. Зошто моето дете не зборува? Зошто лошо изговара одредени зборови? Како веќе неговите/нејзините врсници знаат да кажат мама, тато, имитираат животни, а моето дете уште не. И тогаш почнуваме да паничиме.
Обично е предоцна, да се сфати дека нешто не е во ред. Психолозите и дефектолозите ни велат дека децата не само што ќе доцнат со зборувањето. Тоа автоматски води до забавен физички развој, чести изливи на фрустрации, агресивни фази бидејќи детето не научило емотивно да се справува со она што го опкружува, а тоа природно се учи од социјалните односи со родителите и врсниците. Значи, ајде да си играме со нашите деца!