Кампања на МНЗА по повод „Светскиот ден на аутизмот“

Градење на инклузивно општество за аутистичните луѓе

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) по повод 2 април 
„Светскиот ден на аутизмот“ Ве информира за своите активности.
Оваа година повторно се вклучивме во онлајн кампањата на Аутизам Европа
која се спроведува ширум Европа, под наслов: „Градење на инклузивно
општество за аутистичните луѓе“. Кампањата за 2023 година, која се
спроведува заедно со членовите на Аутизам Европа, е можност да се
размислува за напредокот постигнат досега за заедницата со аутизам и за
работата што останува за подобрување на животот на аутистичните лица и
нивните семејства.
Би сакале да ги повикаме националните креатори на политики и другите
засегнати страни да обезбедат целосно уживање на правата и потребите на
аутистичните лица во Македонија, согласно Конвенцијата на Обединетите
нации за правата на лицата со попреченост (UNCRPD). UNCRPD е
ратификувана од 45 од вкупно 46 земји-членки на Советот на Европа (СЕ),
вклучително и од сите земји-членки на ЕУ и од самата Европска унија во
2010 година. Манифестот на Аутизам Европа можете да го симнете на
македонски јазик ОВДЕ .
Членови на МНЗА на 13 март учествуваа на меѓународната конференција на
универзитетот Алма Матер Еуропеа во Марибор, Словенија, каде што
презентираа научни трудови за аутизам и модерираа сесии за аутизам.
МНЗА на 28 март организираше вебинар со вонр. проф. д-р Маргарет Бауман,
педијатриски невролог од универзитетот во Бостон, а на 20 април ќе
организира следен вебинар со вонр. д-р Лаурен Москович, психолог од „Сент
Џон“ универзитетот во САД.


Во текот на месец април членовите на МНЗА ќе преземат и други активности
во смисол на поддршка за подобар и поинлузивен живот на лицата со
аутистичен спектар на нарушувања.
Следната недела на нашите социјални медиуми Фејсбук, Твитер, Линкедин,
Инстаграм ќе бидат споделени многу банери и постери со интересна
содржина. Луѓето што сакаат да ја подржат кампањата можат слободно да ги
споделуваат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2023.
Белешки до уредникот
Светскиот ден на аутизмот беше прогласен од страна на Генералното
собрание на Обединетите нации во 2007 година како годишен ден за да се
привлече вниманието за итните потреби на лицата со аутизам ширум светот.
МНЗА е национална асоцијација (составена од професионалци) со најдолг
стаж веќе 23 години во полето на аутизмологијата во Македонија. Главна цел
е да ги унапреди правата на лицата со аутизам и нивните семејства и да им
помогне да го подобрат квалитетот на нивниот живот. Обезбедува ефективна
врска со други меѓународни организации за аутизам и меѓународни научни и
образовни институции.
За повеќе информации и интервјуа, Ве молиме искористе ги контактите од
меморандумот.

Со почит,
Претседател на МНЗА
Проф. д-р Владимир Трајковски
Е-пошта: vladotra@fzf.ukim.edu.mk

Можеби ќе ве интересира