Кратово заборавениот град ризница на приказни, митови и легенди
Состав на Ален Николоски
Кратово е мал и најстар град во Македонија. Има убава клима, и се наоѓа во кратерот на изгаснат вулкан, од каде што доаѓа неговото име. Тоа е град на кулите, мостовите, римските рудници, старата чаршија. Убавата природа, чистиот воздух, старите градби, го ставаат ова гратче во најпосакувани и најпосетувани места во Македонија.
Кратово има многу приказни, легенди и митови. Една од нив е најпознатата легенда за Радин мост на Манцева река. Легендата вели дека овој мост бил желба од мајка која имала девет браќа ѕидари и не можела да оди на пазар зошто не можела да ја премине реката. Кога браќата почнале да го градат мостот, се што ќе изграделе преку ден се рушело преку ноќ. Еден ден браќата се договориле, таа снаа што ќе им донесе ручек да ја заѕидаат во мостот. Така и направиле. Кога дошла најмладата снаа Рада да им донесе ручек, тие ја заѕидале во мостот. Таа ги молела, затоа што дома имала мало бебе, но тие не ја послушале и ја заѕидале во мостот. Мостот бил изграден во 1833 година. Во градот има и средновековни кули. Нивна функција била да ги заштити богатите семејства од напади од крадци. Под нив има тунели кои се копани и ѕидани со камења од Кратовскиот регион. Внатрешноста била поделена на 3 или 4 катови каде имало и места за живеење. Најпозната кула е Саат кулата. Во кратовскиот регион има и археолошко наоѓалиште кое потекнува од 5 век и се вика Стар град. За овој град има легенда дека таму живеел крал кој имал една ќерка. При еден семеен кралски ручек таа паднала и се онесвестила, а сите мислеле дека е мртва. Следниот ден ја закопале, но имало крадци кои сакале да го ограбат гробот и кога ја откопале виделе дека е жива. По долго размислување крадците ја земале кралската ќерка и ја однеле во друго кралство. Кралот соработувал со Солун и по едно тргување кога се вратил неговиот град бил изгорен, а целото кралско семејство многу плачело. Затоа ова место се вика „Плакало“. Во близина на Кратово се наоѓа и познатиот Цоцев камен кој во историјата се користел како место од каде се следеле Сонцето и Месечината и така се правел календарот. Покрај Кратово се наоѓа и Камен град. За ова место постои легенда за едно момче кое не знаело со која девојка да се ожени и закажало свадби со двете девојки. На денот на свадбата едната невеста чекајки слушнала дека има и друга свадба во селото и отишла да провери. Кога видела дека нејзиното момче се жени со друга девојка ги проколнала да се скаменат и тие сите се претвориле во камења.
Градот Кратово е жив музеј кој може да се посетува преку целата година. Затоа Кратово има посетители од целиот свет, особено љубители на старите градби. Градот е навистина полн со стара архитектура од која изобилуваат многу легенди, приказни и преданија.
Состав на Ален Николоски ученик во IPS Macedonia