Врската помеѓу џвакањето храна и говорот кај децата

Врската помеѓу џвакањето храна и говорот кај децата е многу значајна и често потценета. Џвакањето не е само процес на хранење, тоа има важна улога во развојот на орално-моторните вештини, кои се директно поврзани со способноста за јасен и разбирлив говор. Овие два процеса се поврзани со тоа што, џвакањето вклучува координирана работа на мускулите на вилицата, јазикот, усните и образите. Истите овие мускули се користат при артикулација на звуци и зборови. Детето кое има слабо развиена орална мускулатура (поради доцнење во воведување цврста храна или избегнување на џвакање или заостанување во развојот) може да има потешкотии со изговарање на некои гласови, особено сложените како „р“, „с“, „л“ и сл.

Џвакањето помага јазикот да стекне контрола и прецизни движења, клучно за изговор на многу гласови. Проблемите со џвакање често водат до неправилна позиција на јазикот при говор (на пример, интердентален изговор на „с“ и „з“). Доцнењето со воведување храна што бара џвакање и учењето на детето правилно да џвака, може да го одложи развојот на говорните вештини.

Деца со сензорно-моторни нарушувања (како апраксија на говорот, дисартрија или сензорна интеграција) често имаат потешкотии со џвакање и/или преферираат одредени текстури. Терапевтите за говор често користат орално-моторни вежби, вклучително и вежби за џвакање, како дел од интервенцијата.

Родителите треба да ги прават следниве работи:
– Воведете различни текстури на храна на време.
– Поттикнувајте детето да џвака самостојно, дури и ако е неуредно.
– Забележете дали детето има проблеми со џвакање (гадење, избегнување, мелење храна без голтање само вртење на храната во уста без џвакање) и консултирајте се со логопед или педијатар.
– Избегнувајте преголема употреба на течна или кашеста храна по 12 месечна возраст.

Ако детето има сензорно нарушување при џвакање на храна (на пример, чувствителност на одредени текстури, одбивање цврста храна, гадење или прекумерно мелење без голтање), родителите можат да преземат повеќе конкретни чекори. Еве што е најефективно:

  • Десензибилизација (постепено изложување). Почнете со прифатени текстури, па полека додавајте нови: од кашести, па меки, па полуцврсти, па цврсти. Изложувањето може прво да биде тактилно (допирање со рака), потоа со устата (лизнување), и дури на крај џвакање и голтање. Пример: ако не прифаќа тврдо овошје, понудете пире, па ситно рендано, па коцкички, па цели парчиња.
  • Игри и вежби за сензорна стимулација. Масажа на лицето и образите со четка или прст. “Орални играчки”, силиконски џвакачи или четкичи за масажа на непце и јазик. Дување балони, дување свеќи, дување низ сламка. Ги активираат истите мускули што се вклучени и во џвакање и говор.
  • Одржување рутина и мирна атмосфера. Оброците да се случуваат во исто време, на исто место, без телевизор, притисок или казни. Позитивна атмосфера: пофалба за секој напредок, дури и ако само го допре парчето храна.
  • Избегнувајте го следново: Не му нудете само течна или мека храна долгорочно – тоа го одложува развојот на џвакањето и говорот. Не го споредувајте со други деца.
  • Преставете ја храната како игра. Готвење заедно, на пример детето да го допира тестото, овошјето, зеленчукот. “Игри со храна”, како правење лица од храна, декорации, или хранење кукли. Многу е важно детето не треба да биде присилувано да ја јаде храната, туку да се запознае со неа преку игра.

Важно: Џвакањето храна допринесува за подобрена комуникација и социјални вештини

  • Детето кое правилно џвака ќе може да го задржи фокусот на социјалните интеракции и да се приклучи на оброците во група, бидејќи правилно џвакање му овозможува да зборува и да јаде истовремено.

  • Децата кои не ја совладале вештината на џвакање често се опсесивни со јадење (јадат многу бавно или ја одбиваат храната), што може да ја наруши нивната взаемна комуникација и да ја забави социјалната интеграција.

Можеби ќе ве интересира